Месец мај во Националниот парк Пелистер помина во знакот на интензивни активности – ги отворивме вратите за новите генерации истражувачи, започнавме клучен процес за спас на моликата и се посветивме на научни истражувања за биодиверзитетот.
Училница на отворено за млади ученици
Успешно реализиравме еколошка едукација за 696 ученици од основните и средните училишта од Битола, Демир Хисар и Кавадарци. Низ играта „Потера за еко трофеј“, децата научија за шумската фамилија на Пелистер, го истражуваа микросветот преку микроскопи и создаваа уметнички дела со боите на природата. Овој масовен одзив е доказ дека свеста за заштита на природата кај младите постојано расте.
Ревитализација на старата моликова шума
Официјално ги започнавме мерките за заштита и обнова на препознатливата моликова шума. Под надзор на искусни вработени и експерти, се спроведува отстранување на оштетени и заболени стебла. Овој процес е неопходен за одржување на виталноста на шумата и нејзино долгорочно зачувување за идните генерации.
Научен мониторинг: Светот на лилјаците
Во соработка со НП Галичица, спроведовме теренско истражување и едукација посветена на биологијата и екологијата на лилјаците. Преку современи методи на проучување, продолжуваме да ги откриваме тајните на овие значајни жители на нашите планини, зајакнувајќи ја меѓуинституционалната соработка во име на науката.