По пауза од повеќе од три децении, ЈУ Национален парк Пелистер започна со обемни активности за расчистување и уредување на патниот правец од Инфо-центарот (1.350 мнв) до Ловечка куќа (2.000 мнв). И покрај неповолните временски услови на терен, вработените во паркот активно работат на овој некатегоризиран пат со вкупна должина од 8 километри.
Патот се наоѓа во бафер зоната (неутрална зона која не е под строга заштита) и поради децениската негрижа, активностите ќе се реализираат етапно во две главни фази:
Фази на реализиција на теренските активности
- Прва фаза (Расчистување на вегетацијата): Опфаќа отстранување на физиолошки ослабената и оштетена вегетација која претставуваше сериозна закана за безбедноста на минувачите. Предвидено е оваа фаза да заврши до 1 јули 2026 година.
- Втора фаза (Инфраструктурно уредување): Го опфаќа санацијата и уредувањето на коловозната површина, како и чистењето и оформувањето на страничните канали за дренажа. Овие активности е предвидено да завршат најдоцна до 13 јули 2026 година.
Стратешко значење на патниот правец
Овој пат е од витална важност за функционирањето на Националниот парк Пелистер, бидејќи претставува единствена директна комуникациска линија со повисоките планинарски региони.
Патниот правец е од суштинско значење за:
- Противпожарна заштита: Брза реакција и пристап на терен во случај на пожари.
- Видео мониторинг и заштита: Одржување на поставените фото-замки и следење на дивиот свет.
- Ренџерска служба: Подобрен надзор и редовни теренски контроли од страна на чуварската служба.



